За училиштето

Од септември 2018 година започнува со работа средното училиште „Св. Лука“ во Скопје, Република Македонија. Учениците во текот на четиригодишното образование ќе можат да се квалификуваат во следните области: Здравствена струка, профил: Медицинска сестра, Забен техничар и Физиотерапевтски техничар, како и насоката Лични услуги, профил: Козметички техничар.

Училиштето „Св. Лука“ е приватно средно стручно училиште, лоцирано во самиот центар на Скопје, опремено со најсовремени наставни теоретско-практични средства и помагала. Стручната теоретска и практична настава ќе ја изведуваат врвни професори во соработка со „Жан Митрев“ Клиника – Скопје.

Наставата во училиштето ќе се изведува на македонски и англиски јазик, а паралелно учениците ќе следат интензивна настава по германски јазик со цел достигнување на јазично ниво Б2, така што веќе по завршувањето на третата година ќе бидат оспособени целосно да следат теоретска и практична настава на германски јазик (ниво Ц1) при посета на клинички центри и училишта во Р. Германија.